Terms of service
Верзија 1.0 · важи од 20.10.2026
1. Кој сме и за што важат овие услови
1.1 Овие Општи услови за продажба („Услови“) важат за секоја продажба на стоки од НЕКСТ ТРЕЈД ДООЕЛ Скопје, ул. Битолска бр. 1-7, 1000 Скопје, ЕМБС 7822634, ЕДБ 4080025628509 („НекстТрејд“, „ние“), без оглед дали нарачката е направена преку nexttrade.mk, по е-пошта, телефон, Viber или WhatsApp, или врз основа на наша писмена понуда.
1.2 Условите се објавени на nexttrade.mk и се наведени на секоја наша понуда, про-фактура и фактура. Со испраќање на нарачка или со плаќање на про-фактура купувачот потврдува дека ги прочитал и ги прифаќа.
1.3 Посебни услови договорени во писмена форма (понуда, договор) имаат предност пред овие Услови. Општите услови за набавка на купувачот не се применуваат, освен ако изречно сме ги прифатиле во писмена форма.
1.4 При разлика меѓу јазичните верзии важи македонскиот текст.
2. На кого продаваме
2.1 Продаваме исклучиво на деловни купувачи: правни лица, трговци поединци, занаетчии и земјоделски стопанства — физички лица запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство или со одгледувалиште, односно објект регистриран при Агенцијата за храна и ветеринарство — кои ги купуваат производите за потребите на својата дејност.
2.2 Не продаваме на потрошувачи, односно на физички лица кои купуваат за лични потреби надвор од својата дејност. Со нарачката купувачот изјавува дека дејствува во рамки на својата дејност и дека податоците што ги навел (ЕМБС, ЕДБ, односно идентификациски број на земјоделското стопанство) се точни.
2.3 Можеме да побараме доказ за регистрација и да одбиеме нарачка ако податоците не можат да се потврдат.
3. Деловна сметка
3.1 За нарачка преку веб-страницата потребна е одобрена деловна сметка. Сметката ја одобруваме по проверка на податоците, по правило во рок од еден работен ден.
3.2 Купувачот одговара за точноста на податоците, за чувањето на пристапните податоци и за дејствијата на лицата што ги овластил да нарачуваат во негово име.
3.3 Можеме да ја суспендираме или затвориме сметката при злоупотреба, неплатени обврски или неточни податоци.
4. Понуди, нарачки и склучување на договор
4.1 Производите и цените прикажани на веб-страницата се покана за нарачка, а не обврзувачка понуда.
4.2 Нарачката испратена преку веб-страницата или по друг пат е барање на купувачот. Договорот е склучен кога писмено ќе ја потврдиме нарачката (потврда на нарачка или про-фактура), и тоа за производите и количините наведени во потврдата. Автоматската порака за прием на нарачката не е потврда.
4.3 За производи означени со „Цена на барање“ и за производи што не се на залиха изготвуваме писмена понуда. Понудата важи 14 дена, освен ако во неа е наведено поинаку, и ги содржи цената, количината, рокот и условите на испорака и плаќање.
4.4 Имаме право да одбиеме нарачка, особено при неплатени обврски, сомнеж за злоупотреба, недостапност на производот или очигледна грешка во цената.
4.5 Чекорите за нарачка преку веб-страницата (кошничка → барање за нарачка → наша потврда), можноста за исправка на внесот пред испраќање и достапните јазици се прикажани на страницата за нарачка. Потврдената нарачка ја чуваме и му ја испраќаме на купувачот по е-пошта.
5. Цени и ДДВ
5.1 Цените се изразени во денари, без ДДВ. ДДВ се пресметува по важечката законска стапка — 18 %, односно повластена стапка од 5 % за производите за кои таа важи (тест-комплетите) — и се прикажува посебно во про-фактурата и фактурата.
5.2 Цените на увозните производи се утврдени во USD или EUR и се пресметуваат во денари по средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на издавање на про-фактурата, односно фактурата. Денарската цена прикажана на веб-страницата е информативна и се ажурира секој работен ден.
5.3 Трошоците за испорака не се вклучени во цената, освен ако е поинаку наведено во понудата или про-фактурата.
5.4 Промените на цените важат за идни нарачки и не влијаат на веќе потврдените нарачки. Очигледните грешки во цената не нè обврзуваат; во таков случај ќе ве известиме пред испорака.
6. Производи на залиха и производи по нарачка
6.1 Производите означени како „На залиха во Скопје“ се испорачуваат од нашиот магацин по потврда на нарачката и плаќање според член 7.
6.2 Останатите производи ги набавуваме по нарачка од производителот во странство. За нив важат условите наведени во писмената понуда. За производи што ги набавуваме по нарачка за конкретен купувач можеме да побараме капар во износ наведен во понудата; условите на капарот се утврдуваат во понудата, односно во про-фактурата. Рокот на испорака е проценка и тече од денот кога се исполнети условите од понудата. Таквата нарачка не може да се откаже откако ќе ја потврдиме и ќе ја нарачаме стоката од производителот.
6.3 Рокот на испорака се продолжува за времетраењето на пречките надвор од наша контрола (член 12).
7. Плаќање
7.1 Плаќањето се врши со банкарски трансфер во денари на сметката наведена во про-фактурата или фактурата, или со онлајн плаќање со картичка кога таа можност е понудена на веб-страницата. Не прифаќаме плаќање при испорака.
7.2 Нови купувачи плаќаат однапред, по про-фактура. На купувачи со одобрена деловна сметка можеме да одобриме плаќање по фактура со рок од 15 дена од датумот на издавање, освен ако поинаку е договорено во писмена форма. Рокот на плаќање не може да биде подолг од 60 дена.
7.3 При задоцнето плаќање пресметуваме законска казнена камата и законски надомест за трошоци за наплата, а можеме да ги задржиме следните испораки до намирување на долгот.
7.4 Стоката останува наша сопственост до целосно плаќање на цената. До тогаш купувачот не смее да ја заложи или оптовари, а при неплаќање е должен да ни ја врати на наше барање.
7.5 Купувачот не може да ги пребива своите побарувања со нашите без наша писмена согласност.
8. Испорака и премин на ризикот
8.1 Испорачуваме на територијата на Република Северна Македонија, со курирска служба или сопствен превоз, на адресата наведена во нарачката. Трошоците за испорака се наведени во понудата или про-фактурата.
8.2 Ризикот од случајно оштетување или губење на стоката преминува на купувачот во моментот на предавање на стоката на купувачот, односно на превозникот ако купувачот сам го избрал превозот.
8.3 Купувачот е должен при приемот да ја провери пратката (број на пакети, видливи оштетувања) и видливите оштетувања да ги запише во испратницата или во документот на превозникот. Пратка примена без забелешка се смета за примена во исправна надворешна состојба.
8.4 Тест-комплетите се испраќаат на амбиентна температура. По приемот купувачот е должен веднаш да ги складира според упатството (2–8 °C; не смеат да се замрзнуваат). За производи складирани спротивно на упатството не одговараме.
8.5 Испорака надвор од Северна Македонија вршиме само по посебен писмен договор.
9. Проверка на стоката, рекламации и враќање
9.1 Купувачот е должен веднаш по приемот да ја прегледа стоката. Видливите недостатоци (погрешен производ, погрешна количина, оштетување, истечен рок) се пријавуваат писмено во рок од 2 работни дена од приемот, со број на фактура или испратница, број на серија (лот) и фотографии.
9.2 Скриените недостатоци се пријавуваат писмено без одлагање откако ќе бидат откриени, а најдоцна во рок од 6 месеци од предавањето на стоката. Недостаток постои кога производот не одговара на спецификацијата на производителот (технички лист) или е оштетен. Правата по основ на навремено пријавен недостаток се гаснат една година од известувањето.
9.3 Рекламацијата ја потврдуваме во рок од 5 работни дена и ја разгледуваме заедно со одделот за квалитет на производителот; за таа цел можеме да побараме производот, примерок, фотографии и податоци за серијата. Основана рекламација ја решаваме со замена на производот или со одобрение (кредитна нота). Ако ниту едното не е можно во рок од 30 дена од завршувањето на проверката, го враќаме платениот износ за рекламираниот производ. Трошоците за враќање на неисправен производ ги сносиме ние.
9.4 Не сме должни да прифатиме враќање на исправни производи (предомислување, погрешно нарачана количина, некористење). Такво враќање можеме да прифатиме по сопствена оцена и под услови што ги утврдуваме писмено; отворени пакувања не се примаат назад. Производи набавени или договорени за конкретен купувач не можат да се вратат ниту да се откажат.
9.5 Секое враќање се врши само по наша претходна писмена согласност. Пратки испратени без согласност се одбиваат и се враќаат на трошок на купувачот.
9.6 Информацијата за рокот на употреба на стоката се дава при продажбата — во понудата, про-фактурата, испратницата или на етикетата на производот. Преостанат рок на употреба не се гарантира, освен ако изречно е договорено во писмена форма.
9.7 Не одговараме за недостатоци настанати поради неправилно складирање, ракување, дозирање или употреба спротивно на упатството, ниту за резултати од тестови изведени спротивно на упатството на производителот.
10. Употреба на производите и ограничување на одговорноста
10.1 Производите се наменети исклучиво за професионална употреба во производство на храна и во контрола на квалитет. Купувачот одговара за правилното дозирање, за складирањето и за усогласеноста на своите производи со прописите за адитиви и означување.
10.2 Брзите тестови за антибиотици, афлатоксин и фалсификување на млеко се скрининг-тестови. Толкувањето на резултатот и одлуките врз основа на него се одговорност на купувачот; кога тоа е потребно, резултатот се потврдува со референтна метода.
10.3 Техничките податоци, препораките и советите ги даваме според најдобро знаење, но без гаранција за резултатот во конкретниот процес на купувачот.
10.4 Нашата одговорност за штета по кој било основ е ограничена на вредноста на фактурата за стоката со која е поврзана штетата. Не одговараме за индиректна штета, изгубена добивка, застој во производството или штета на трети лица. Ограничувањето не важи за штета предизвикана намерно или со крајно невнимание.
11. Документација и доверливост
11.1 Технички листови и безбедносни листови доставуваме на барање на купувачи со одобрена деловна сметка.
11.2 Понудите, цените и посебните услови договорени со купувачот се деловна тајна и не смеат да се откриваат на трети лица.
12. Пречки надвор од наша контрола
12.1 Не одговараме за неисполнување или доцнење предизвикано од околности надвор од наша разумна контрола: доцнење кај производителот или превозникот, царински, ветеринарни и инспекциски постапки, прекини во снабдувањето, мерки на државни органи, природни непогоди, штрајкови и слично. Роковите се продолжуваат за времетраењето на пречката.
12.2 Ако пречката трае подолго од 60 дена, секоја страна може писмено да се откаже од неисполнетиот дел од нарачката. Во тој случај ги враќаме уплатите за неиспорачаната стока, вклучувајќи го и капарот, без друго обесштетување.
13. Лични податоци и комуникација
13.1 Личните податоци на контакт-лицата ги обработуваме согласно Политиката за приватност објавена на nexttrade.mk.
13.2 Деловната комуникација (потврди, про-фактури, фактури, известувања) ја испраќаме по е-пошта на адресата наведена во деловната сметка. Од известувања за нови производи и понуди може да се одјавите во секое време.
14. Применливо право и спорови
14.1 За овие Услови и за сите договори склучени според нив важи правото на Република Северна Македонија.
14.2 Споровите ќе се обидеме да ги решиме спогодбено. Ако тоа не е можно, страните се спогодуваат дека е месно надлежен стварно надлежниот суд во Скопје; оваа спогодба се смета склучена во писмена форма кога купувачот ги прифатил овие Услови по е-пошта, со потпишана понуда или договор.
15. Измени на Условите
Условите можеме да ги менуваме со објавување нова верзија на nexttrade.mk. За секоја нарачка важи верзијата што била во сила на денот на нашата потврда на нарачката.
